Кочанскиот каратист Филип Стојанов, како дел од македонската карате репрезентација, се подготвува за својот најнов голем предизвик – Европското карате првенство за сениори, кое ќе се одржи во Франкфурт, Германија, од 21 до 24 мај.
Стојанов во изминатиот период помина низ исклучително интензивен циклус на подготовки за да ја достигне врвната форма потребна за сениорска конкуренција.
Репрезентативците прво реализираа подготовки во Вараждин, Хрватска (од 4 до 10 мај), а веднаш потоа продолжија со финално брусење на формата и стратегиите во Катланово.

Пред заминувањето за Германија, Стојанов изјави дека се наоѓа во одлична физичка и кондициона состојба и е максимално мотивиран за успех.
Филип Стојанов, кој е истакнат член на КК „Партизан“ – Кочани, во последната година бележи континуиран напредок на меѓународната сцена. Неговата кариера е обележана со борбеност и способност за брзо враќање по тешки предизвици.

Во ноември минатата година, на Балканското првенство во Хрватска, Стојанов со македонскиот У21 кумите тим го освои второто место и сребрениот медал. На почетокот на оваа година тој беше дел од националниот тим на Европското првенство за кадети, јуниори и У21 во Лимасол, Кипар, каде се натпреваруваше во категоријата У21 над 84 килограми. Овие резултати се уште позначајни бидејќи Стојанов успешно се врати на натпреварите по паузата што ја направи за санирање на повредите здобиени во трагичниот пожар во клубот „Пулс“.

Со настапот во Франкфурт, Стојанов го потврдува својот статус на еден од најперспективните тешки категории во македонското карате, носејќи ги амбициите за висок пласман и во сениорска конкуренција.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





