Одличен успех оствари младиот Јован Арсов на меѓународниот карате турнир „Ќустендил опен“ во соседна Бугарија.
Арсов, кој е член на Карате клубот „Партизан“ од Кочани, на овој престижен турнир се натпреваруваше во две категории и успеа да се закити со два медали. Највисокиот успех го постигна во категоријата јуниори над 76 килограми, каде што го освои првото место, додека во категоријата кадети над 70 килограми го зазеде третото место.
Прикажаните борби и одличниот настап на Арсов се оценети како исклучително надежни за неговата понатамошна кариера. Овој турнир претставува само дел од низата подготовки за претстојните значајни натпреварувања.

Организаторите на турнирот од карате клубот „Шурикен“ од Ќустендил му доделија и признание на карате клубот „Партизан“ за придонес во развојот на каратето.
Во следниот период, фокусот на младиот Арсов ќе биде насочен кон младинската лига во Пореч, како и на државното првенство, кое има квалификациски карактер за влез во националниот тим.
Како еден од главните предизвици во иднина се издвојува и повторниот настап на светската младинска лига во Венеција.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





