Во Паркот на Револуцијата во Кочани се одржа спортско-рекреативна манифестација исполнета со спортски активности, дружење и награди за граѓаните.
Настанот е дел од европската иницијатива „Европска недела на спортот“, која се одвива под препознатливото мото #BeActive.
Манифестацијата се реализира преку проектна единица во рамки на Министерството за спорт, а проектот е поддржан со средства од Европската Комисија.

Во рамките на програмата, која трае од 20 до 30 септември, се одржуваат над девет централни настани, додека во локалните активности се вклучија 40 општини од целата земја.
Националниот координатор на проектот, Александра Дичевска, ја истакна главната цел на оваа спортска иницијатива.
-Нашата цел е да ги поттикнеме граѓаните да бидат поактивни физички, значи да се грижат за храната и за начинот на живеење. Проектот не е само за професионалци – секој граѓанин треба да се вклучи во рекреација, бидејќи тоа го продолжува животот, истакна Дичевска.

Таа посочи дека преку разновидните активности се опфаќаат повеќе генерации и социјални групи, вклучително деца, учесници од Специјалната олимпијада и постари лица.
-Се трудиме да опфатиме повеќе и да ги иницираме луѓето да бидат поздрави. Се надеваме дека ќе оставиме порака дека треба да се активираме секој ден, а не само оваа недела, додаде Дичевска.
Иницијативата #BeActive се спроведува уште од 2019 година и во неа се вклучени 40 држави низ цела Европа.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






