Финансиската анализа на буџетската моќ на општините од Источниот плански регион за 2025 година, што ја направи ИПТВ Канал 8, открива поразителна вистина: Општина Кочани, иако втора по големина како центар во регионот, се наоѓа во незавидна положба и е на самото дно според расположливите буџетски средства по глава на жител.
Додека соседите со далеку помалку население располагаат со значителни буџети, Кочани се бори со финансиска анемија која директно се прелева во нефункционална инфраструктура и ограничени можности за развој.
Суровата математика на сиромаштијата
Според официјалните буџетски податоци и завршните сметки на 11-те општини од регионот за 2025 година, вкупниот буџет на Општина Кочани изнесува 831.015.519 денари (околу 13,5 милиони евра). Иако оваа цифра изгледа импозантно, кога ќе се распореди на населението од 31.602 жители (според Пописот 2021), сликата станува загрижувачка. На секој граѓанин на Кочани му следуваат едвај 428 евра.

За споредба, Македонска Каменица предничи во регионот со неверојатни 891 евро по жител, пред сѐ поради високите изворни приходи од концесии од рудникот САСА.
Дури и малите општини како Зрновци (приближно 623 евра), Берово (665 евра) и Пехчево (595 евра) финансиски „тежат“ повеќе по глава на жител, отколку градот на оризот.

Администрацијата го „јаде“ развојот
Најголемиот структурен проблем на кочанскиот буџет е неговата потрошувачка природа. Дури 76,4% од вкупните средства се трошат на тековни и оперативни расходи (плати, комунални трошоци и дотации), што го става градот во позиција само да ги одржува „животните функции“.
За капитални инвестиции, односно за нови улици, градинки и инфраструктура, остануваат само 23,6% (околу 196 милиони денари).
Во овој дел, Штип покажува далеку поголема развојна моќ, планирајќи дури 32,8% (над 592 милиони денари) за капитални зафати.
Кај помалите општини пак, зависноста од државни дотации за плати и оперативни трошоци достигнува и до 80%, што дополнително ја ограничува нивната моќ за самостојни инвестиции.

Кочани старее под притисокот на долговите
Кочани се наоѓа во парадоксална ситуација – има најмногу потреби како регионален центар, а речиси најмалку средства по жител за да ги реализира потребните инфраструктурни и други проекти.
Оваа финансиска „стега“ го прави градот неконкурентен во споредба со Штип, па дури и со Каменица. Кај овие две општини инвестирањето во инфраструктурата пред сѐ, е видливо без премногу напрегање. Во Кочани и она што е почнато да се реализира, се развлекува со години и сѐ уште не е завршено.
Без стратешка промена во зголемувањето на сопствените приходи и поефикасно управување со трошоците, јазот помеѓу Кочани и неговите соседи само ќе продолжи да се продлабочува. Во изминатите 3,5 децении чекање на вакви промени, голем дел од населението замина „горе“ или, за жал, горе. А младите веќе немаат ниту „време за плачење“, ниту време за чекање.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





