Најавите за формирање нови општински јавни претпријатија најчесто се прикажуваат како чекор кон подобри и поефикасни услуги за граѓаните.
Сепак, анализирано низ призмата на актуелната финансиска и организациска реалност во кочанското комунално претпpијатие „Водовод“, се отвораат сериозни дилеми дали ЈП „Светлина КО 2022“ ќе биде решение за прашањата околу јавниот превоз и осветлувањето или уште еден индиректен финансиски товар врз општинскиот буџет.
Новоформираното општинско јавно претпријатие за јавно осветлување и јавен превоз, ЈП „Светлина КО 2022“ сè уште не може да го започне своето оперативно функционирање, а главната пречка е недостигот од соодветни кандидати за Надзорниот одбор. Бидејќи претпријатието законски не може да функционира без тело што ќе го контролира неговото работење, целата процедура мора да почне одново, што внесува дополнителни административни одложувања.

Загриженоста за одржливост на новото претпријатие дополнително се зголемува кога ќе се погледне состојбата во КЈП „Водовод“. Финансискиот извештај за првото полугодие од 2026 година откри дека е остварена загуба од 25.877.096 денари, односно над 420 илјади евра, што претставува пораст на полугодишната загуба за дури 64% во споредба со истиот период од минатата година.
Ниту еден сектор во рамките на „Водовод“ не работи со позитивен резултат:
- Секторот „Водовод и канализација“ бележи дебел минус од 11.855.210 денари,
- Секторот „Геотерма“ е во голем минус од 6.223.245 денари,
- Секторот „Комунална хигиена“ бележи минус од 4.489.867 денари,
- Секторот „Градско зеленило и гробишта“ има минус од 3.308.772 денари.
Особено алармантни се вкупните обврски на претпријатието, кои на 30 јуни годинава достигнаа над 2 милиона евра. Од нив, огромни суми има за неплатени сметки кон енергетските компании:
- 1,2 милиони евра кон „ЕВН Хоме“,
- 387 илјади евра кон „Енерџи деливери солушнс“,
- 272 илјади евра кон „ЕСМ Продажба“,
- 125 илјади евра кон „Инфинит енерџи“.
Во исто време, „Водовод“ покажува сериозна неефикасност во наплатата на сопствените побарувања од корисниците, кои достигнале над 283 милиони денари.

Штом во услови на ваква длабока неликвидност и неспособност за покривање на основните оперативни трошоци кај постоечкото комунално претпријатие се започнува нов проект, оправдано се поставува прашањето: врз какви финансиски и менаџерски темели ќе се гради ЈП „Светлина КО 2022“?
Ако проблемите со наплатата и контролата на трошоците во КЈП „Водовод“ продолжуваат со години, колкав е ризикот новото јавно претпријатие да се претвори во уште еден неликвиден субјект? Доколку тоа не остварува сопствени, одржливи приходи за јавното осветлување и превозот, неговите оперативни трошоци, плати и идни обврски на крајот повторно ќе мора да се покриваат преку општинскиот буџет.
Без длабока реорганизација, мерки за штедење и зајакнување на финансиската дисциплина, секое ново претпријатие ризикува да ги повтори истите слабости што веќе го доведоа комуналниот сектор во Кочани пред сериозен финансиски колапс.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





