Градскиот парк во Кочани денеска беше исполнет со младост, музика и креативност во рамките на централниот настан со кој локалните училишта го одбележаа „Мај – Месец на Европа“.
Манифестацијата, организирана од Општина Кочани во соработка со Министерството за европски прашања, имаше за цел на автентичен начин да ги промовира европските вредности и придобивките од интеграцијата на локално ниво.

Настанот беше дел од поширока државна кампања која цели мај да стане заедничка платформа за промоција на евроинтегративниот процес, правејќи го поблизок до граѓаните преку активности кои го надминуваат традиционалното одбележување на 9 мај.

Во Градскиот парк учествуваа ученици од сите основни и средни училишта од територијата на општината. Посетителите имаа можност да посетат различни штандови каде секое училиште претставуваше одделна европска држава, учејќи за нивните култури и традиции.

Програмата беше дополнително збогатена со настапи на учениците од одделенска настава, кои изведоа пригодни музичко-ритмички точки пред присутните.

Оваа активност во Кочани не е изолирана, туку е дел од низата настани што се реализираат низ другите градови во државата, со цел да се афирмираат успешните приказни поддржани од проекти на Европската Унија.

Преку ваквиот пристап, европските можности и вредности стануваат пооплипливи за локалната заедница, поттикнувајќи дијалог и информираност кај младите генерации.


©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






