Делегација од Општина Чешиново-Облешево, предводена од градоначалникот Јорданчо Костадинов, учествуваше на 23-тиот Меѓународен фестивал на штркот во рамките на Мрежата на европски села на штркот (European Stork Villages Network), кој се одржа во Пловдив и Белозем, Бугарија.
На оваа значајна меѓународна средба беа разменети искуства и добри практики за заштита на белиот штрк, зачувување на природните живеалишта и развој на еко-туризмот.
Особено внимание беше посветено на позитивните резултати од Кочанската Котлина, која и понатаму останува едно од најзначајните живеалишта на белиот штрк во регионот.

Според најновите податоци, бројот на гнезда во локалните населени места бележи значителен пораст. Во селото Чешиново бројот на гнезда е зголемен од 17 на 33, додека во Облешево бројката се искачила од 26 на 34 гнезда. На ниво на целото Кочанско Поле во моментов се регистрирани вкупно 223 гнезда.

Овие резултати се директна потврда за богатството на локалната природа, важноста на традиционалното земјоделство и постојаната грижа на жителите кон штрковите и животната средина.
Општина Чешиново-Облешево најави дека и во иднина активно ќе работи на заштита на белиот штрк и на промоција на општината како меѓународно препознатливо „село на штркот“ во Европа.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






