Состојбата на мостот на реката Брегалница на локалниот пат кон селото Теранци е критична и претставува потенцијална опасност за сите учесници во сообраќајот.
Локалното население алармира за небезбедност за патничките возила и за „шверцувањето“ на тешки камиони, а градоначалникот Јорданчо Костадинов на последната седница на Советот на Општината презентираше стручен извештај со кој се потврдуваат сериозните оштетувања на конструкцијата.

Советникот Бранко Стоименов нагласи дека жителите на Теранци се загрижени за секојдневната безбедност,а и покрај постоечките ограничувања за товарните возила, возачите не ги почитуваат.
-Знаците се однесени, мостот е паднат, а немаме информација од стручни луѓе дали е безбедно кога минуваме и со лесни возила. Се шверцуваат со тешки камиони со огромна тонажа, а лично бев сведок како тешка механизација, односно влекач натоварен со тежок булдожер на водостопанското претпријатие помина преку мостот, иако неговата носивост е ограничена на 5 тони. Мора да се преземе нешто, не може некој постојано да чува стража таму, истакнува Стоименов.

Според градоначачникот Јорданчо Костадинов Општината веќе презела чекори за испитување на состојбата и безбедноста, при што стручни лица од Градежниот факултет од Скопје извршиле увид на терен и подготвиле извештај во кој наодите се загрижувачки.
-Може да се заклучи дека објектот е со оштетувања кои имаат негативно влијание врз неговата безбедност. Особено е критично оштетувањето во вид на слегнување во дел на средните столбови. Ваквите оштетувања се вообичаени за мостови чии средни столбови се фундирани во нерегулирани речни корита. Имајќи го сето ова во предвид се препорачува воведување забрана за одвивање на сообраќај на тешки моторни возила по мостот, редовно визуелно следење на неговата состојба и итно преземање мерки за санација и евентуално проширување, рече Костадинов, цитирајќи дел од извештајот на стручните лица од Градежниот факултет.

Општина Чешиново-Облешево веќе се обратила и до Министерството за внатрешни работи за да постави соодветна сообраќајна сигнализација.
-Забраната за одвивање на сообраќај на тешки моторни возила не може да ја донесе Општината. Ние немаме такви ингеренции. Значи забраната ја донесува МВР. Врз основа на овој добиен записник и овие препораки, ние ги известивме од МВР и бараме од нив да интервенираат, додава Костадинов.

За да се дојде до конечно решение, Локалната самоуправа планира во наредниот период да ангажира проектантска куќа која ќе даде конечен одговор дали постоечкиот мост може да се санира или ќе мора да се гради целосно нов објект.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






