Состојбата со безбедноста во Кочани се соочува со сериозни предизвици поради континуираното намалување на бројот на полициски службеници. Тоа е главниот заклучок од разгледувањето на годишниот извештај за работењето на Одделението за внатрешни работи – Кочани во текот на 2025 година на 13. седница на Советот на Општина Кочани.
Командирот на полициската станица, Драганче Даневски, кој ја извршува функцијата од февруари 2026 година, пред советниците отворено проговори за кадровскиот дефицит кој директно влијае врз ефикасноста на полицијата.
Според него, голем удел во тоа има и воведувањето на принудна управа од страна на Министерството по минатогодишната трагедија во „Пулс“.

-За нашето присуство на терен, што го гледате, дека многу малку нè има – е реално. Најголема причина за ова нагло намалување на бројката е што дел од колегите се суспендирани – некои се суспендирани, некои се отстранети од работни места по разни основи, меѓутоа тие и да се тука, бројката на вработени во ОВР – Кочани е, релативно да кажеме, многу мала. Од тие причини, поради зголемениот обем на настани што ги имаме, предмети што ги работиме, многу често се наоѓаме во ситуација да бидеме принудени да бараме помош од другите полициски станици во рамки на Секторот за внатрешни работи – Штип, па дури и надвор од Секторот. Значи имаме постојани ангажмани, слободно можам да кажам дека 24 часа непрекинато се обезбедува дискотеката „Пулс“, од моментот на случување на настаните до ден денес и тоа продолжува. Значи, врзуваме луѓе за настан што, нормално, мора да го обезбедуваме, а тие малку луѓе што ги имаме ги користиме за други работи, истакна Даневски, појаснувајќи дека полицијата во моментот функционира со само неколку патроли за сообраќај и јавен ред и мир. Тој додаде дека поради овој недостиг не е можно да се спроведе посакуваниот реонски принцип на работа, каде полицајци секојдневно би патролирале во специфични делови од градот.
Проблемот со кадарот е долготраен и не е само инцидентен за изминатата година. Иако се очекуваат нови вработувања преку полициските курсеви, процесот е бавен бидејќи кандидатите мора да поминат низ обука и приправнички стаж до 12 месеци.

Спас од моменталната ситуација се очекува со новата систематизација на работните места во МВР, која треба да стапи на сила во текот на 2026 година.
-Во Министерството следи фаза на реорганизација за моменталната систематизација по која работиме, рокот е даден и мислам дека од 1 јули, имаше известување, дека ќе треба да стапи нова систематизација. Не знаеме како ќе изгледа и што сѐ ќе биде предвидено да има во Кочани во Одделението за внатрешни работи. Не знаеме дури ни дали ќе биде Одделение или ќе стане само Полициска станица. Меѓутоа тоа не значи многу, можат да нѐ викаат како било, битно е да имаме доволно луѓе за работа, додаде Даневски.

Според извештајот, во 2025 година е забележан пораст на кривичните дела за 21% во споредба со претходната година, додека процентот на расветлени дела е во опаѓање. Главната причина за ваквата статистика, според командирот, лежи во намалениот број на униформирани службеници и материјално-технички средства.
Советниците изразија загриженост за ваквата состојба, особено во делот на сообраќајниот хаос, паркирањето на кружните текови и малолетничката деликвенција. Тие понудија поддршка и иницијативи до Министерството за внатрешни работи за итно пополнување на слободните работни места, со цел враќање на безбедноста и редот во градот на соодветно ниво.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






