Месец септември донесе исклучителна хуманост во Кочани, каде што преку две посебни крводарителски акции беа собрани вкупно 72 крвни единици.
Општинската организација на Црвениот крст од Кочани денеска ја реализираше редовната крводарителска акција за месец септември, на која крв даруваа 53 крводарители. Меѓу нив имаше 14 млади лица до 30-годишна возраст, како и шестмина кои даруваа крв за првпат.
Оваа акција беше тринаесета по ред што ја спроведува Црвениот крст Кочани во тековната година, а се одржа со поддршка на екипа од Институтот за трансфузиона медицина од Штип.

Покрај редовната месечна акција, по повод 7 Септември – Денот на ослободувањето на Кочани, годинава за првпат беше организирана и посебна Седмосептемвриска крводарителска акција. На оваа манифестација, одржана во НУЦК „Бели мугри“, беа собрани дополнителни 19 крвни единици, со заложба оваа иницијатива да прерасне во традиција.
Граѓаните кои сакаат да даруваат крв тоа можат да го сторат во редовните термини – секој последен четврток во месецот во просториите на Црвен крст Кочани или секој понеделник и четврток во Службата за трансфузиона медицина во кочанската болница.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






