Во рамките на одбележувањето на овогодишната Детска недела, Општина Кочани организираше свечен прием во Детската организација за првачињата од сите пет основни училишта во општината.
Централната свеченост се одржа во Центарот за култура „Бели мугри“, каде што над 270 првачиња заеднички и громогласно ја изговорија својата прва училишна заклетва.

Притоа, најмладите ученици ветија дека ќе бидат вредни, ќе ги почитуваат своите наставници и ќе си помагаат со другарчињата, со што официјално влегоа во редовите на една од најмасовните младински организации во државата.

Манифестацијата се одржа под мотото „Детството е најубавата приказна – да им помогнеме на децата да ја напишат со насмевка“. Носител на организацијата на овогодишното одбележување беше Основното училиште „Малина Попиванова“, а за празничната атмосфера се погрижија учениците од повисоките одделенија од сите основни училишта кои настапија со музичко-сценски точки.

Оваа традиционална манифестација има за цел да ги промовира детските права, да ја истакне важноста на другарството, солидарноста и тимската работа, како и да им овозможи на најмалите полесна адаптација во новата училишна средина.

Оваа учебна година во сите основни училишта на територијата на Општина Кочани -ООУ „Никола Карев“, ООУ „Св. Кирил и Методиј“, ООУ „Раде Кратовче“, ООУ „Малина Попиванова“ и ООУ „Крсте Петков Мисирков“ се запишаа вкупно 277 првачиња.

Оваа бројка го отсликува демографскиот пад во регионот, со оглед на тоа што во сите пет централни и подрачни училишта одвај се полнат по неколку паралелки. За споредба, до пред десетина години во градот и околните населени места редовно се запишуваа меѓу 400 и 500 првачиња годишно.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





