Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ од Кочани објави оглас за преотстапување на правото за организирање на традиционалниот Кочански панаѓур 2026 година по пат на јавно наддавање.
Традиционалната манифестација ќе се одржи во периодот од 22 до 25 октомври 2026 година, од четврток до недела, на локација која опфаќа дел од улиците „Скопска“ и „4-та Македонска бригада“, со вкупна површина од 3.000 квадратни метри.
Почетната цена за организирање на панаѓурот изнесува 1.610.000 денари плус ДДВ, а минималниот праг на наддавање е утврден на 10.000 денари. Самoто јавно наддавање ќе се спроведе на 2 октомври 2026 година, петок во 11 часот во просториите на КЈП „Водовод“ на улица „Д-р Николиќ“ бр. 64.

Право на учество имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар за забавни и рекреативни дејности кои немаат обврски кон КЈП „Водовод“ Кочани и кои ќе уплатат аванс од 10% од почетната цена пред почетокот на лицитацијата. За спроведување на наддавањето е потребно учество на најмалку двајца кандидатите.
Најповолниот понудувач ќе има обврска целиот излицитиран износ и 18% ДДВ да ги уплати истиот ден по завршувањето на лицитацијата. Закупецот исто така ќе треба да обезбеди осветлување и електрични приклучоци за корисниците на просторот – скари, крофни, шеќерен памук и друго.
Обврска на КЈП „Водовод“ Кочани е да ја исчисти и подготви локацијата, да обезбеди вода, санитарни јазли и редовно чистење на отпадот за време на одржувањето на панаѓурот.
На овој линк може да се види целиот оглас.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






