Прекинот со работа на долгогодишниот превозник „Авто Атом“ создаде загриженост кај родителите за превозот на учениците до училиштата во Кочани.
Тоа беше пренесено и на последната седница на Советот на Општината, со акцент дека сообраќајната изолација е еден од најголемите проблеми со кои се соочува градот.
-Губиме меѓурегионален сообраќај, долгодецениска фирма, железничкиот превоз уште не сме го прежалиле, а сега и автобускиот… Кочани од нас бара многу повеќе, Кочани од нас бара заедништво во овој момент, истакна советничката Благица Сабовљевиќ Стоименова.
Претседателот на Советот, Александар Андов појасни дека Општина Кочани нема сопственост ниту директна надлежност над приватната компанија „Авто Атом“ и нагласи дека одлуката за престанок со работа е исклучиво деловна одлука на менаџментот на компанијата.

-Општина Кочани не е сопственик на „Авто Атом“. Тоа е приватна компанија која одлучила дека нема повеќе бенефит од она што го работела и се распушта. Не е акционерско друштво, па таму да учествуваме во дебата или во Управен одбор. Задача на Општина Кочани е тоа што го изгласавме Јавното претпријатие за стопанисување со транспорт и осветлување, ако може да профункционира и Владата да ни даде неколку автобуси за градски линии и за училишниот превоз. Ние немаме друга надлежност, никој не сакал „Авто Атом“ да згасне или слично, тоа на сите тешко ни паѓа и не треба да си го товараме едни на други, има менаџери, има директори таму, има вработени кои што знаат зошто е тоа направено, посочи Андов.
Градоначалникот Владко Грозданов додаде дека Општината веќе презема конкретни чекори за надминување на состојбата.
-По ликвидацијата на „Авто Атом“, дел од линиите кои тоа ги поседуваше останаа слободни и во моментот е активна тендерската процедура за добивање нов превозник за децата. Очекуваме дека до крајот на неделата или почетокот на наредната недела ќе биде избран новиот линиски превозник кој ќе ги опслужува линиите за превоз на учениците, истакна градоначалникот.
Додека трае процедурата за избор на нов превозник за сите линии, локалната власт очекува новиот систем да ги покрие критичните релации и да обезбеди непречен и стабилен превоз за сите ученици во Општина Кочани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






