Децениски пропусти околу имотно-правниот статус на постојниот базен во Кочани, кои довеле до сегашната состојба, се главна причина што жителите две години не можат да го користат објектот.
Актуелниот статус на отворениот базен и плановите за изградба на нов, затворен базен, беа во фокусот на дискусиите во делот за советнички прашања на 18-тата седница на Советот на Општина Кочани.
Во однос на олимпискиот базен со димензии 50 на 25 метри и осум пливачки патеки, изграден пред четири децении, градоначалникот Владко Грозданов информираше дека објектот воопшто не бил имотно-правно решен и катастарски евидентиран како сопственост на Општината. Поради оваа затекната состојба, поранешниот концесионер го напуштил објектот без можност Општината веднаш да поведе соодветна судска постапка.

-По архивите, во градежните архиви што се во Штип ги најдовме, документациската програма со која базенот во Кочани за некое време ќе биде во сопственост на општина Кочани. До сега катастарски не е реализиран. Постои парцела во која самиот базен со геодетски елаборат и со потребната документација не е впишан во катастарот на Република Македонија. Како можело во минатото да издаваат нешто под концесија што не е во нивна сопственост… Концесионерот го напуштил бидејќи нашол соодветна правна дупка и соодветен пропуст… Сега кога ќе ја средиме целата документација, адвокат е ангажиран, влегуваме веднаш во судска процедура, рече Грозданов.

Паралелно со решавањето на сопственоста на стариот базен, градоначалниокот обелодени дека германска компанија, која има изведено затворени пливачки центри во околу 30 градови, за Општина Кочани донирала готов проект вреден околу 50.000 евра.
Проектот предвидува затворен полуолимписки базен со димензии 30 на 25 метри и две скокалници, кој е планиран на општинска парцела, на околу 100 метри од постојниот базен.
Градоначалникот образложи дека ја одбил првичната понуда за помал детски базен, со цел градот да добие мултифункционален спортски објект.
-Поентата ми беше, било понудено да е детски базен кој ќе има четири ленти за пливање со помали димензии. Сакав нешто да направам за Кочани од срце онака, или ќе го направам да е достоинствено и да не е со четири ленти испод полуолимписките димензии. Значи, мислам дека тој базен е 20 на 8 метри… каде во моментот можат да пливаат само четири деца, додека во овој со олимписки димензии можат да пливаат во моментот осум пливачи, може да се користи за ватерполо и да се организираат турнири во пливање во Кочани, ако добиеме затворен базен конечно после толку време, додаде Грозданов.
Идејата за овој затворен базен во моментот се разгледува на владино ниво за финансиска реализација, додека проценките покажале дека изградбата на целосен олимписки затворен базен, со димензии 50 на 25 метри, би чинела меѓу 6 и 7 милиони евра и би бил премногу скап за одржување.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






