Советот на Општина Кочани донесе одлука за измена на програмите за изградба и одржување на патишта и за уредување на градежно земјиште, со што се овозможи пренамена на средства за започнување на капиталниот проект „Јужен булевар“.
Станува збор за сообраќајно решение со должина од околу 900 метри и четири ленти на влезот во Кочани од кај селото Грдовци, чија вкупна вредност се проценува на околу 2 милиони евра.
Во текот на дискусијата, советникот Сашко Иванов од опозициската СДСМ посочи дека пред Советот стојат две лоши понуди од кои мора да се донесе непопуларно решение.

-Од една страна треба да донесеме одлука да кратиме средства предвидени во програмата за изградба и одржување… Од друга страна имаме изградба на јужен булевар, односно влез во Кочани од Грдовци кој би требало целосно да го промени сообраќајниот проток на градот, рече Иванов.
Тој образложи дека поддршката ја даваат исклучиво за да не се изгубат обезбедените средства за градот:
-Нашата обврска како опозициони советници не е да гласаме против секој предлог на власта, ама ниту пак да даваме поддршка за секој нејзин предлог… Не затоа што го оправдуваме пропустот и лошото планирање на општинската администрација, туку затоа што не сакаме поради тој пропуст граѓаните да останат без инвестиција од 2 милиони евра, додаде Иванов.

Од своја страна, градоначалникот Владко Грозданов го појасни потеклото на дополнителниот финансиски недостиг од 10 милиони денари, посочувајќи ги неочекуваните барања за изместување на електричната инфраструктура.
-Ние и сами не сме знаеле дека електричната мрежа која е поставена пред 30-40 години таму, сега за таа да се премести треба да му се плати на ЕВН… го носиме проектот во Министерство за транспорт и врски за реализација и пуштаат луѓето средства… и доаѓаме до момент кога од ЕВН велат: ‘Овие бандери ваши ли се? Преместете си ги или ќе ни платите’, истакна Грозданов.
И покрај отворените прашања околу пренамената на средствата од други општински улици, предложените измени беа изгласани со 13 гласа „за“, со што се овозможи отпочнување на градежните активности за новиот булевар.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






