Градоначалникот на Општина Кочани Владко Грозданов приреди прием за младите пијанистки, ученички во ОМУ „Ристо Јуруков“ – Кочани, Теодора Захариева, Андреа Димитрова и Надица Апостолова кои освоија највисоки награди на Меѓународниот натпревар International Youth Music Competitions – IYMC и како награда за постигнатиот успех настапија на International Prize Winners Recital во Њујорк, САД, на концертот на победниците на овој натпревар.
Во тимот ученички од класата на проф. Елизабета Ѓеорѓиева, што настапи во Њујорк недостигаше уште една добитничка на гран-при, Мартина Гаврилова, која поради возраста не замина во САД.

– Нашите млади пијанисти блеснаа на сцената The DiMenna Center for Classical Music во Њујорк и ова е успех за паметење бидејќи првпат во историјата на училиштето наши ученици настапуваат на друг континент, истакна Елизабета Ѓеорѓиева.
– Успесите на младите музичари се должат на безброј часови вежбање, истрајност и огромна посветеност од наставникот, и секако на вербата дека со работа и љубов може да се стигне до светските сцени, рече Марија Лазарова, директорка на ОМУ „Ристо Јуруков“.
Честитајќи им го успехот, градоначалникот Грозданов истакна дека Општина Кочани преку своите програми ја продолжува со поддршката на успешните млади.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






