Со низа пригодни активности и достоинствено оддавање почит, основното училиште „Раде Кратовче“ и средното училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани денеска ги одбележаа своите патрони празници.
Централните настани се одржаа пред бистите во училишните дворови и во Паркот на Револуцијата, каде делегации од општината и училиштата положија свежо цвеќе.

На чело на општинската делегација беше градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, кој заедно со претставници на образовните институции им оддаде почит на борците кои ги положија своите животи во антифашистичката борба.

Овој настан е потсетник на трагичното загинување на Љупчо Сантов и Раде Кратовче пред точно 82 години во селото Главовица на Осоговските Планини.

Во рамките на чествувањето, ОУ „Раде Кратовче“ одржа посебен чин со кој им беше оддадена почит на младинците Петар Ивановски и Драгана Минова. Нивните имиња ги носат спортскиот и младинскиот клуб во училиштето, во знак на сеќавање на нивната прерана смрт во трагедијата во „Пулс“.

Од друга страна, гимназијалците од СОУ „Љупчо Сантов“ подготвија богата културно-уметничка програма исполнета со стихови и музика. Преку своите настапи, тие испратија силни родољубиви пораки и ја истакнаа важноста на негувањето на историската меморија. Програмата вклучуваше и емотивен омаж за нивните врсници кои го загубија животот пред една година.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






