Општините Зрновци и Чешиново-Облешево започнуваат значајни активности за подготовка на техничка документација, што е првиот и неопходен чекор кон реализација на капитални инфраструктурни проекти.
Преку договори со Бирото за регионален развој, двете општини обезбедија средства за унапредување на патната, комуналната и водоводната мрежа.
Градоначалникот на Општина Зрновци, Ванчо Митев, и директорот на Бирото за регионален развој потпишаа два значајни договори за развој на општината. Станува збор за проекти со вкупна вредност од 361.080 денари, наменети за изработка на техничка документација.
Овие средства се распределени во две програми, од кои 180.540 денари преку Програмата за подрачја со специфични развојни потреби ќе се искористат за реконструкција на дел од улицата „Скопска“ во с. Зрновци. Другата половина од парите, преку Програмата за развој на селата, ќе се вложат во реконструкција на дел од канализационата и водоводната мрежа на истата улица.


Потпишувањето на доворот за обезбедувањ ена средствата е првиот чекор кон целосно модернизирање на подземната и патната инфраструктура во овој дел од населеното место.
Истовремено, градоначалникот на Општина Чешиново-Облешево, Јорданче Костадинов, потпиша договор за реализација на проектот „Изработка на техничка документација за уредување на речното корито на одводен канал во село Спанчево“.
Со овој проект се создаваат услови за понатамошно унапредување на локалната инфраструктура и подобрување на заштитата и управувањето со водните ресурси. Целта на овие активности е да се обезбедат подобри услови за живот на граѓаните и долгорочна стабилност на теренот.
Од двете општини порачуваат дека продолжуваат посветено да работат на реализација на проекти кои се од директен интерес за сите граѓани во регионот.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






