Општина Зрновци се соочува со сериозен демографски пад кој директно ја загрозува одржливоста на постоечката училишна мрежа. На последната седница на општинскиот Совет, точката за утврдување на реоните за запишување ученици во прво одделение отвори длабока дебата за неопходноста од оптимизација на основните училишта.
Податоците што беа презентирани на седницата се поразителни. Според информациите што ги изнесе градоначалникот Ванчо Митев, за следната учебна година има само пет или шест првачиња во целата општина, што создава голем дефицит и ја доведува во прашање оправданоста на постоечките паралелки.
-Бројката, за жал на сите нас, е многу мала, имајќи предвид дека деветто одделение во оваа учебна година ќе завршат 14 ученици и ќе преминат во средно образование. На самиот старт имаме дефицит од едно одделение. Насоките од Министерството за образование од претходните години биле дека на подрачното основно училиште во Мородвис треба да се стави клуч. Меѓутоа, таа е непопуларна мерка во овој случај и ние ќе гледаме да ги искористиме сите правни механизми коишто ќе ни дозволат тој објект да може да функционира, истакна Митев.

Една од опциите е преку проект на Светска банка училишната зграда да се преадаптира за потребите на предучилишна возраст, односно таму да се формира група за градинка, со што просториите би останале во функција на заедницата.
Советниците изразија поделени мислења за овој проблем. Додека дел од нив сметаат дека е подобро сите деца да патуваат во Зрновци, каде што има повеќе паралелки и социјализација, други се загрижени дека затворањето на училиштето ќе го забрза иселувањето од селата.
Беше истакнат и проблемот со комбинираните паралелки, каде еден наставник истовремено предава на деца од прво и второ одделение, што според некои родители негативно влијае на квалитетот на образованието.
За да се изнајде најдоброто решение, Општина Зрновци веќе формираше работна група за оптимизација и испрати ургентен допис до Министерството за образование. Се очекува во наредниот период во Општината да дојде претставник од Министерството на поширок состанок на кој ќе присуствуваат советниците, училишниот одбор и родителите, со цел да се донесе конечна одлука пред почетокот на новата школска година.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






