Во склоп на Европската недела на мобилност и согласно со Програмата за сообраќај, Општина Кочани денеска го одбележа Денот без автомобили под мотото „Ајде заедно да го трансформираме секое патување и да обезбедиме мобилност за сите!“.
Традиционалната велосипедска тура „По патеката на оризот“ се изведе во периодот во соработка со Полициската станица и Општинскиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата – Кочани, како и со основните и средните општински училишта, граѓански организации, групи и поединци.

Настанот привлече голем интерес, при што на велосипедската тура учествуваа над 100 велосипедисти.
Поаѓањето беше пред општинската зграда, по што учесниците се движеа по улиците „Маршал Тито“ и „Никола Карев“, па преку Грдовци стигнаа до Мојанци, каде што направија кратка пауза во кругот на црквата „Св. Кирил и Методиј“. Оттаму рутата продолжи преку Подлог, девијацијата кај Антура и кружните текови кај „Кочанско Поле“ и Крстот.

Враќањето се одвиваше по улиците „Димитар Влахов“, „Глигор Апостолов-Гочо“, „Никола Карев“, кружниот тек кај Полициската станица во Кочани, како и улиците „Тодосија Паунов“ и „Кеј на Револуција“, завршувајќи повторно пред општинската зграда.
Со реализацијата на овој настан, Општина Кочани по дванаесетти пат се вклучува во одбележувањето на Европската недела на мобилност. Оваа активност претставува водечка кампања на Европската комисија чија главна цел е подигање на свеста за одржлива урбана мобилност.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






