Недоволниот број ученици во подрачното основно училиште во селото Мородвис е единствената причина тоа да згасне, а тие наставата да продолжат да ја следат во централното „Синиша Стоилов“ во Зрновци.
На 11-тата седница на Советот на Општина Зрновци, беше донесена клучна одлука за затворање на училиштето, како дел од поширокиот План за оптимизација на училишната мрежа (2026-2030). Оваа мерка, иако тешка, се смета за неопходна за обезбедување квалитетно образование и социјализација на децата во современи услови.

Директорката на ОУ „Синиша Стоилов“, Слаџана Гаврилова, потврди дека бројот на ученици во подрачното училиште е премал за одржување на квалитетен образовен процес.
-За следната учебна година се предлага да биде затворено училиштето во Мородвис бидејќи ќе бидат вкупно три ученика. Со тоа се намалуваат трошоците за нафта, струја и вработувања. Сметаме дека учениците треба да бидат во централното училиште за да можат да ги користат сите удобности, новитети и продолжниот престој. Напредувањето на самите ученици ќе биде подобро, бидејќи само со три ученика мотивацијата не е иста како со поголем број на ученици, истакна Гаврилова.

За овие три ученици ќе биде обезбеден превоз кој секое утро ќе ги носи до централното училиште во Зрновци и двапати ќе ги враќа назад во различни термини.
Како резултат на оваа оптимизација и намалувањето на паралелките, вкупниот број на вработени во училиштето од 41 ќе се намали на 34 лица за следната учебна година.
Покрај информацијата за оптимизацијата, Гаврилова поднесе извештај за учебната 2025/2026 година, оценувајќи ја како успешна со просечен успех на учениците од 4,30. Фрапантен е податокот за дисциплината – вкупниот број на изостаноци е намален на 851, што е огромен напредок во споредба со претходните години кога се бележеле над 2.500 изостаноци.

Училиштето аплицира за учество во државен пилот-проект за воведување проширена програма (целодневен престој) за учениците од 6-то до 9-то одделение. Доколку биде избрано меѓу 20-те училишта во земјава, Зрновци ќе добие сериозна финансиска поддршка.
-Училиштето сака да биде дел од таа проширена програма со којашто ќе бидеме поддржани со грант од 10.000 евра. Целта е да се инвестира во кабинетска настава и да се помогне на таа оптимизација. Проширената програма и тој целодневен престој е патоказ на ученикот како да избере и како да се донадградува за личниот развој уште од мали нозе, да си го пронајде патот каде припаѓа, додаде Гаврилова.
За потребите на оваа програма, планирано е опремување на современа кујна и трпезарија, за што училиштето веќе располага со поголем дел од потребната инокс-опрема.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






