На 14. седница на Советот на Општина Кочани , со поддршка од 18 советници беше изгласано раскинувањето на долгогодишниот договор за издавање под концесија на градскиот базен. Исто така, беше дадена поддршка и на предлогот за проширување на опсегот на работа на Јавното претпријатие за осветлување, за да се воведе организиран јавен превоз.
По повеќемесечен притисок и низа правни анализи, Советот донесе одлука за еднострано раскинување на договорот за јавно-приватно партнерство за спа-центарот и спортските објекти кај градскиот базен, потпишан во 2018 година. Констатирано е дека објектите се во руинирана состојба, а базенот не е во функција веќе две години.
Градоначалникот Владко Грозданов појасни дека Општината морала да постапува внимателно поради правните импликации, но безбедноста била на прво место.
-Луѓето кои работат со базени кажаа дека сериозно мора да се провери безбедноста на базенот. Треба да се проверат сите технички моменти кои го поткрепуваат базенот и да се изврши многу детален увид на самото корито. Ние веднаш испративме дописи до приватниот концесионер, но видовме дека нема активност од негова страна и дојдовме до писмена комуникација помеѓу нашите и неговите адвокати. За да не излезе дека Општина Кочани работи нешто тајно и незаконито, решивме сите заедно да ја продискутираме точката и да заземеме заеднички став, рече Грозданов.

Со втората клучна одлука, Советот ги изгласа измените за Јавното претпријатие за осветлување, кое во својата дејност отсега ќе вклучува и електроинсталаторски работи и патнички копнен транспорт. Ова е подготвителен чекор за најавената донација на електрични возила.
-Очекуваме Кочани да добие минимум три електрични автобуси што ние како Општина треба да ги преземеме. Целта е да се организира јавниот превоз, како за школите и за учениците, така и јавниот градски превоз, додаде Грозданов.
Секретарот на Општината, Драган Анакиев информираше дека претпријатието ќе функционира како посебен правен субјект заради поголема рационалност и економичност, користејќи ја веќе постоечката регистрација на претпријатието за осветлување.
Со овие одлуки, Општина Кочани започнува процес на преземање на директната одговорност за капиталните објекти и услуги, со ветување за поголема безбедност и подобар квалитет за граѓаните.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






