Општина Зрновци направи клучен чекор во зајакнувањето на локалната безбедност и заштита преку официјалното формирање на Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Зрновци.
Како дел од овој процес, беше спроведена интензивна обука за првите волонтери – граѓани кои одлучија несебично да го вложат своето време и знаење во служба на заедницата.
Процесот на едукација и подготовка на новите пожарникари-волонтери беше поделен во два суштински дела. Волонтерите поминаа низ обука организирана од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), каде детално се запознаа со законските процедури и протоколите за дејствување.

Освен теоретската обука, практичните вештини за директно справување со огнената стихија беа претставени со поддршка на професионалците од Територијалната противпожарна единица (ТППЕ) – Кочани.

Локалните власти упатија посебна благодарност до професионалците од ТППЕ – Кочани и колегите од ДПД Кочани за нивната несебична поддршка и пренесеното искуство, нагласувајќи дека ова партнерство е основа за изградба на посигурен регион за сите. Волонтерите се посочени како вистинскиот столб на новото друштво, чија посветеност е од пресудно значење за заштита на граѓаните од пожари и други непогоди.

Од Општина Зрновци порачаа дека како локална самоуправа целосно ќе го поддржат функционирањето на ДПД – Зрновци. Тие остануваат силно посветени на заштитата и превенцијата на животната средина, потенцирајќи дека безбедноста на жителите и природното богатство на општината немаат цена.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






