На 7. седница на Советот на Општина Зрновци едногласно е усвоена иницијативата за почнување на постапка за збратимување со градот Забок од Република Хрватска.
Овој чекор се очекува да отвори нови можности за соработка, особено во делот на користењето на европските фондови и размена на позитивни практики во локалното управување.
Градоначалникот на Зрновци, Ванчо Митев, пред советниците појасни дека иницијативата е резултат на претходна средба со градоначалничката Валентина Ѓурек и претставници од Забок, каде биле презентирани начинот на работа и организираноста на овој хрватски град. Инспириран од нивните успеси, Митев истакна дека партнерството со општина која е дел од ЕУ е од суштинско значење за развојот на Зрновци.
-Имавме неформален состанок со градоначалничката на Забок од што произлезе иницијатива за збратимување. Од нивна страна има расположение за таква соработка, а ние како мала општина треба да тежнееме кон таков начин на соработка од причина што Хрватска, како дел од Европската Унија, има полесен пристап до европските фондови. Во презентацијата од страна на градоначалничката беше презентиран начинот на искористување на тие европски фондови за реализација на проекти коишто се корисни за нивниот регион, истакна Митев.

Пред советниците тој образложи и што може да понуди Забок како партнер, особено што тој е лоциран на само 30 километри од главниот град Загреб и брои околу 8.900 жители. Станува збор за економски стабилна средина со развиена индустрија и железнички сообраќај, што ја прави атрактивен модел за помалите општини како Зрновци кои се стремат кон економски напредок.
-Оставам на вас како совет да донесете одлука дали оваа иницијативата да продолжи кон понатамошна реализација, порача градоначалникот Митев пред гласањето, на што Советот одговори со полна поддршка за меѓународното поврзување на општината.
По едногласното усвојување на иницијативата со девет гласа „за“, постапката сега се сели кај хрватските партнери. Иницијативата ќе биде проследена до Советот на Забок, по што треба да следи период на потпишување меморандуми за официјална соработка.
На седницата на Советот беше одлуката за кофинансирање на проектот за Регионален центар за згрижување и контрола на популацијата на кучиња скитници во Источниот плански регион за што вкупниот буџет е над 5,1 милиони денари, а Општина Зрновци ќе кофинансира со 13%.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






