Во рамки на фестивалот „Здраво Млади“ во Младинскиот културен центар во Скопје, се одржа националното финале на Imagine Macedonia 2026, во организација на Музичка младина на Македонија.
За победник на годинашното издание беше избран бендот „Персеида“, кој ќе ја претставува Македонија на меѓународното финале на Imagine Music Experience во Брисел. Учеството и патувањето на македонскиот претставник на меѓународното финале се реализираат со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам.
Покрај главната награда, беа доделени и дополнителни признанија. Бендот „Немеза“ од Кочани ја доби наградата обезбедена од спонзорот DoReMi, додека The Last Thing You Said ја освои наградата за настап на фестивалот „Здраво Млади“.

На националното финале настапија и бендовите „Нема назад“ и „Yамка“, додека СРЖ имаше ревијален настап.
Imagine Music Experience е меѓународна програма на Jeunesses Musicales International, наменета за млади музичари на возраст од 13 до 21 година, која им овозможува да ја претстават својата авторска музика, да стекнат сценско искуство и да се поврзат со млади музичари од други земји.
Со ова издание, Музичка младина на Македонија продолжува да ја поддржува новата генерација домашни музичари, создавајќи можности за нивна промоција на националната и меѓународната музичка сцена.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





