Во Кочани официјално започнаа градежните работи за изградба на новиот Дом за стари лица со поставување на камен-темелник на локацијата кај Територијалната противпожарна единица, односно во поранешната армиска касарна.
На свеченоста присуствуваа градоначалникот на Општина Кочани, Владко Грозданов, и министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски.

Градоначалникот истакна дека во изминатиот период интензивно се работело на терен, како и на докомплетирање на техничката документација и надминување на сите разлики што се појавиле пред самата изведба. Веќе се завршени земјените работи на позицијата на ламела 1, а изградбата ќе продолжи со подготовка на ламела 2.

-Станува збор за комплексен објект што ќе биде изграден по најсовремени европски и светски стандарди и кој треба да биде еден од најмодерните и најубавите во Источна Македонија. За првата фаза е планирана карабина со покрив, со надворешна фасада, како и изведба на водовод, канализација и сѐ што е потребно овој старечки дом конечно да биде ставен во функција, а не да остане само долгогодишно ветување во предизборните програми, истакна Грозданов.
Министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, упати честитки до Општина Кочани за заложбите и аплицирањето за проектот, нагласувајќи дека ова е првпат по 40 години во државата да се гради нов дом за стари лица.

-Овој проект за кој во моментот е склучен договор со изведувачот чини 226 милиони денари, при што 199 милиони денари се одлука на Владата како директна поддршка за изградба на овој дом, посочи министерот Велковски.
Според министерот, по комплетното завршување на објектот во него ќе бидат сместени 141 лице, со што се остварува директната обврска за згрижување на постарите лица во Источниот регион.

Велковски најави дека за неколку недели предвидено е поставување камен-темелник за нов дом за стари лица и во Кавадарци, додека за проектите во Пробиштип и Штип се решаваат техничките документации со цел нивно финансирање во текот на 2027 година.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






