Доброволното противпожарно друштво (ДПД) Кочани го одбележа својот петгодишен јубилеј, заокружувајќи половина деценија исполнета со предизвици, искуства, пожртвуваност и несебична посветеност кон заедницата.
По повод овој роденденски јубилеј, на Пониква се одржа голем меѓународен противпожарен натпревар на кој учествуваа екипи од Македонија, Србија, Бугарија и Словенија.

По покажаните вештини и одличните настапи, најуспешна беше екипата на Окта. Второто место го освои екипата на ДПД „Архангел“ од Битола, додека третото место ѝ припадна на екипата на ДВД Крагуевац.

Од Друштвото упатија посебна благодарност до сите свои членови за несебично вложените време, знаење, енергија и срце, истакнувајќи дека нивната посветеност е најголемата сила на оваа организација.

Дополнително, беше изразена благодарност и до сите донатори, помагатели и партнери кои изминатите пет години веруваат во нив и им помагаат во остварувањето на мисијата.

Паралелно со натпреварот на возрасните екипи, се одржа и противпожарен натпревар за учениците од основните училишта, преку кој најмладите имаа можност да се запознаат со противпожарната дејност, да ги покажат своите знаења и вештини, но и да стекнат нови пријателства.
Иако поминаа пет години, од ДПД Кочани порачуваат дека нивната приказна продолжува со уште поголема енергија, заедништво и позабрзано темпо кон новите предизвици, цели и успеси. Нивната порака по повод 5-тиот роденден гласи: „Една мисија. Една визија. Едно големо срце за заедницата“.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






