Младиот информатичар Владимир Грчев од Кочани оствари извонреден успех освојувајќи сребрен медал на 33. Балканска олимпијада по информатика (BOI) во Тирана, Албанија.
На овој престижен регионален натпревар во програмирање, чиј домаќин беше STEM Hub Center, Грчев го освои високото второ место во исклучително силна регионална и меѓународна конкуренција.
Покрај големиот успех на кочанецот Грчев, и македонскиот национален тим оствари одличен резултат. Неговиот тимски колега Дамјан Давков од Штип се закити со бронзен медал, додека Никола Стојковски од Скопје и Марко Кренков од Струмица освоија олимписки пофалби.

Претседателот на Здружението на информатичарите на Македонија (ЗИМ), професорот Миле Јованов истакна дека медалот за Владимир Грчев е уште една потврда за трудот вложен во текот на целата година. Според него, ваквиот континуитет на резултати е плод на долгогодишниот систем на подготовки и натпревари во соработка со Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство – ФИНКИ од Скопје.
Четиричлениот македонски тим за Балканијадата беше избран преку целогодишен циклус натпревари организиран од Здружението на информатичарите.
По овој успешен настап, за македонските ученици претстои Јуниорската балканска олимпијада по информатика од 22 до 28 септември во Сараево, Босна и Херцеговина, додека следната 34. Балканска олимпијада идната година ќе се одржи во Турција.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






