Жителите на општина Зрновци конечно го добија новиот локален пат кој ги поврзува локалитетите Оризови Гумна и Друмот кај селото Видовиште, со што овој проект е успешно реализиран и ставен во функција.
Изградбата на патниот правец претставува исполнување на долгогодишното барање на локалното население, кое чекаше на негова реализација најмалку 20 години.

Новоизградениот пат е со вкупна должина од 1.600 метри. Неговата траса започнува од излезот на село Видовиште и се протега до реката Брегалница, односно завршува до атарот на селото Мојанци. Покрај подобрувањето на секојдневниот живот на граѓаните, овој пат може да биде и алтернативен пристап кон општина Кочани во блиска иднина.
Целиот проект е реализиран со финансиска поддршка обезбедена преку вториот повик на Владата за капитални проекти во локалната самоуправа, на кој Општина Зрновци конкурираше во март минатата година. Вкупната вредност за изградбата на патот изнесува 7,4 милиони денари.

Од Локалната самоуправа истакнуваат дека со овој зафат се постигнуваат неколку клучни цели, меѓу кои и подобра патна поврзаност меѓу населените места, поголема безбедност во сообраќајот за сите учесници и рамномерна распределба на инфраструктурниот развој во рамките на општината.
Успешното завршување на овој проект е значаен чекор кон унапредување на локалната инфраструктура и обезбедување поквалитетни услови за живот за сите граѓани на општина Зрновци.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






