Официјално започна постапката за прием на корисници на социјални услуги во новоотворениот Центар за дневен престој за лица со попреченост „Пролет“ – Кочани, наменета за граѓаните од регионот.
Станува збор за значаен меѓуопштински проект кој е воспоставен во партнерство помеѓу општините Кочани, Чешиново-Облешево и Зрновци.
Оваа социјална услуга е дел од поширокиот Проект за воспоставување на социјалните услуги, што се финансира со грант обезбеден преку Светска банка. Имплементацијата е под надлежност на Министерството за социјална политика, демографија и млади, додека на локално ниво услугата ќе ја спроведува Општинската организација на Црвен крст – Кочани.
Услугата е наменета за лица со попреченост над 26 години на кои им е потребна поддршка за развој на функционалните способности, социјализација и активно учество во заедницата. Центарот е сместен во просториите на комплексот „АСНОМ“ во Кочани и има капацитет за 12 корисници.
Програмата на Центарот вклучува широк спектар на активности и поддршка, меѓу кои индивидуална и групна стручна поддршка и психосоцијална помош, работно-окупациски, креативни, едукативни и рекреативни активности, развој на животни и социјални вештини во безбедна и инклузивна средина и организиран дневен престој и оброк во периодот од 08 до 16 часот секој работен ден.
Сите заинтересирани лица, нивните родители или старатели, треба да поднесат барање до ЈУ Меѓуопштински центар за социјална работа – Кочани. Оваа институција, согласно законските регулативи, е задолжена да изврши проценка на потребите и да донесе официјално решение за користење на услугата.
Главната цел на овој нов Центар е да придонесе за поголема самостојност, подобар квалитет на живот и целосна социјална вклученост на лицата со попреченост во овој дел од државата.
За дополнителни информации, граѓаните можат да се обратат на телефонскиот број 070/360-855 или преку е-пошта на [email protected]
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






