Нацрт-планот за управување со отпадот во Источниот и Североисточниот Регион и Нацрт-извештајот за стратегиска оцена на животната средина се веќе завршени и денеска во салата на Советот на Општина Виница се одржа јавна расправа за овие два документа.
Со тоа се влегува во една од завршните фази за имплементација на Регионалниот план за управување со отпад за Источниот и Североисточниот Регион.
Консултантот за животна средина од компанијата „Енвироплан“, Филип Иванов, во своето излагање ја појасни визијата на проектот, нагласувајќи дека станува збор за радикална промена на начинот на кој се третира отпадот во овој дел од државата.

– Овој проект, финансиран од Европската Унија преку ИПА инструментот, опфаќа вкупно 18 општини кои ќе се поврзат во единствен, интегриран систем за собирање и третман на отпадот. Планот не ја опфаќа само централната постројка за управување со отпадот, туку еден интегриран систем на собирање, транспорт и третман на отпадот согласно стандардите на Европската Унија, истакна Иванов.
На прашањето до која фаза е процесот, со оглед на тоа што истиот се подготвуваше со години, Иванов беше дециден дека фазата на планирање веќе се преклопува со конкретни чекори на терен.

-Процесот е во фаза на усвојување на планот, а веќе се преоѓа на конкретни активности, меѓу кои е и објавениот тендер за избор на најдобар понудувач. Доколку тендерската постапка заврши успешно, ќе се отпочне со градба. Инаку, и претходно е почнато со конкретни активности на затворање на нестандардните депонии, набавка на возила за собирање и транспорт на отпад, што значи не е дека ништо не се работи, додаде Иванов.
Со проектот новина за граѓаните ќе биде воведувањето на задолжителна селекција на отпадот, што ќе овозможи негово понатамошно рециклирање или енергетско искористување.

-Следна активност би била набавка на опрема за собирање на отпадот во два контејнера или две канти на сува и влажна фракција, како што предвидува планот, или на рециклабилна и нерециклабилна фракција. Значи едната фракција ќе оди во механичко-биолошки третман, а другата, онаа рециклабилната, ќе оди во постројка за издвојување на разните рециклабилни материи на посебни фракции, заклучи Иванов.
Јавна расправа за планот ќе се одржи во Берово, додека граѓаните на сите 18 вклучени општини можат да ги погледнат документите во печатена форма во своите општини или на официјалните веб-страници на Планските региони.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






