Со учество на околу 50 велосипедисти од цела Македонија, во организација на Клубот за планински спортови „Осоговски орел“ од Кочани, викендов на падините на Осоговските Планини се одржа третата планинско-велосипедска тура „Манданата 2026“.
Настанот кој веќе станува традиција беше опрганизиран во соработка со Македонската асоцијација на аматерски велоспиедски здруженија и клубови, а понуди одлична спортска атмосфера, дружење и промоција на природните убавини.
Учесниците, меѓу кои имаше претставници на повеќе велосипедски клубови од државата, имаа можност да ги искусат прекрасните природни предели и адреналинските патеки.

Се возеше на кружна патека со должина од 25 километри, со старт од манастирот кај месноста Бочвенец каде беше организирано ноќевање во камп, со обезбедена храна и пијалоци. Висинската разлика на патеката беше 900 метри.
Организаторите истакнаа дека овој настан уште еднаш докажа дека страста кон велосипедизмот и природата може да ги спои луѓето со иста енергија. Покрај натпреварувачкиот дух, „Манданата“ послужи и како платформа за размена на искуства и зацврстување на пријателствата помеѓу клубовите.


Членовите на КПС „Осоговски орел“ со огромен труд и посветеност се погрижија за секој детаљ – од подготовките на трасата до финалната реализација на турата.

-Секој член даде дел од себе за ‘Манданата 2026’ да биде уште едно успешно и незаборавно издание. На најбрзите учесници на трката им беа доделени признанија, истакнаа од организациониот одбор.


Реализацијата на овој спортски настан беше поддржана од Општина Кочани, како и од компаниите „Млекара Балкан“ и „Винчини“, кои како спонзори овозможија непречено одвивање на активностите.

Организаторите изразија голема благодарност до сите учесници, волонтери и поддржувачи, најавувајќи дека ваквиот ентузијазам е само мотив повеќе за планирање на следни велосипедски авантури во иднина.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






