Здравствената мапа на Кочани од денеска е збогатена со нова, софистицирана медицинска установа.
Докторката Кристина Тодосиева Серафимова, специјалист по радиологија, официјално ја отвори својата нова специјализирана ординација за еходијагностика и доплер на крвни садови „Св. Никола“, лоцирана во населбата Валог, на улицата „Роза Петрова“ бр. 54/1 (спроти ресторан „Паце“).
Ординацијата е насочена исклучиво кон прецизна дијагностика, со цел да им понуди на граѓаните од регионот брзи и квалитетни услуги без потреба од патување во други градови.

-Во новата ординација ќе се извршуваат сите видови ехо прегледи, вклучувајќи ехо на абдомен, тироидна жлезда, уринарен тракт, простата, дојка и меки ткива. Покрај ова, ординацијата нуди и напредни васкуларни и кардиолошки испитувања. За специфичните прегледи како што се ехо на срце, доплер на каротиди и доплер на артериски и венски крвни садови и долни екстремитети, во тимот е ангажиран и доцент д-р Александар Серафимов, специјалист кардиолог. Со тоа целосно сме специјализирани за ваков вид дијагностика, истакна д-р Тодосиева Серафимова.

Ординацијата „Св. Никола“ се издвојува и по можноста за стручни консултации од областа на радиологијата. Пациентите кои веќе имаат направено снимања на други места можат да добијат „второ мислење“ за нивните резултати.

-Нудиме и секаков вид на консултации од областа на радиологијата. Тука сме за да дадеме мислење врз основа на направена компјутерска томографија, како и за консултација за рентген графии кои не се прочитани, појаснува докторката.

Ординацијата ќе работи секој работен ден, од понеделник до петок, со работно време од 08:00 до 16:00 часот. Се наоѓа на атрактивна локација, спроти познатиот ресторан „Паце“. Во однос на финансиските услови, од ординацијата известуваат дека во моментот немаат склучено договор со Фондот за здравство, но таквата можност останува отворена за во иднина.

Со оваа инвестиција во современа опрема и стручен кадар, Кочани добива значаен центар за рана детекција и превенција на различни заболувања, со што значително се подигнува нивото на примарната здравствена заштита во овој дел од државата.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






