Младите каратисти на Карате клубот „Кочани“ остварија одличен резултат на Државното првенство за деца од 10 до 13 години, што се одржа во спортската сала „Шабан Трстена“ во Скопје.
Во исклучително силна конкуренција од 371 каратисти со 426 натпреварувачки влезови од вкупно 56 клубови, кочанските спортисти успеаја да се изборат за дури седум медали.
Клубот со гордост промовираше тројца нови државни прваци кои се закитија со златни медали во своите категории. На највисокото скалило на победничкиот пиедестал застанаа Алексеј Ристов (10 години, -35 кг), Горан Ѓорѓиев (10 години, +45 кг) и Лана Ристова (11 години, +44 кг).
Покрај златните одличја, „Кочани“ освои и три сребрени медали благодарение на одличните борби на Давид Давитковски (10 години, -40 кг), Ана Костадинова (11 години, +44 кг) и Илина Костадинова (13 години, -49 кг). Успешната низа ја заокружи Јана Јанчева, која во категоријата за 10-годишници (+40 кг) го освои бронзениот медал.

Освоените медали му овозможија на КК „Кочани“ да се позиционира на високото шесто место во генералниот пласман меѓу сите 56 клубови учесници.
Од стручниот штаб упатија пофалби и до останатите натпреварувачи кои, иако забележаа победи во воведните кола, овојпат поради нијанси не стигнаа до медал, но покажаа очигледен напредок и силна желба за успех.
Овој голем домашен успех е само вовед во она што следува. Сите медалисти од државното првенство обезбедија директен пласман и чест да ги бранат боите на својот клуб и на државата на претстојното Балканско првенство во Турција.
-Продолжуваме уште посилно, порачуваат од клубот, најавувајќи интензивни подготовки за меѓународната сцена.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





