Прашањето за правилното управување со отпадот претставува сериозен предизвик на ниво на целата држава, но во општина Кочани и околината тоа е веќе горлив проблем со видливи последици врз животната средина.
Како дел од проектот за зајакнување на локалното влијание врз јавните политики за справување со отпад, што го спроведува здружението „Еко Тим Исток“, стручната јавност алармира дека е потребен повеќестран пристап и итна примена на постојната законска регулатива.
Посебен акцент треба да се даде на практичните аспекти – од селекцијата до рециклирањето на неопасниот отпад, па иако се забележува напредок во последните 15 години, досегашната примена на законите е сè уште недоволна, што е очигледно од состојбата на нашата околина, смета магистер Билјана Митева, лиценциран управител со отпад и сопственик на „Eкопроект-Kо“.

-Ние бараме чиста и убава животна средина, меѓутоа треба сите да почнеме од себе. Законите постојат, но не само да се одбегнуваат, туку постојат и за да се применуваат. Со досегашната едукација и работењето на „Екопроект-Ко“ уште од 2011 година, во општините Кочани, Виница и Зрновци, заедно со сите правни субјекти, цели 15 години имаме огромно подобрување. Сепак не може да се каже дека тоа е доволно, поради што препорачувам сите да почнеме од себе. „Екопроект-Ко“ за почисто и поубаво Кочани има поставено садови за селекција и тие се однесуваат на неопасниот отпад, односно картон и најлон. Сите оние закони кои го вклучуваат управувањето со отпад се применуваат и од страна на правните лица, меѓутоа и од физичките лица. Голем е интересот на многу физички лица кои сакаат да вршат селекција и постојано работат на тоа картонот и дел од пластиката да ја ставаат во соодветни садови за селекција. Бројките говорат дека имаме зголемување од година во година. За вистински резултати е неопходна поголема лична одговорност на секој граѓанин, истакнува Митева.
Во делот на институционалното дејствување, Митева ги посочува ингеренциите на општинските инспекторати за животна средина, комуналните инспектори, полицијата и Државниот инспекторат. Најдобриот резултат, според неа, доаѓа кога сите овие чинители делуваат поврзано.

-Најмногу придонес даваат сите кога се поврзани и кога можат најнапред да ги посоветуваат граѓаните со опомени, а потоа, се разбира, да одат и со казна. Сметам дека не треба никој од нас да дозволи да биде казнет затоа што не ги применува законските одредби. Зошто? Затоа што ние сите тука живееме, додава Митева..
На крајот, таа потсетува на потребата да се врати сликата за едно „убаво и чисто Кочани“, а патот до тоа е само преку доследна примена на правилата и промена на личните навики.

Како придружна медиумска содржина подготвен е видео спот со слоганот „Почни од себе“, а главната порака е дека секој поединец треба да даде сопствен придонес во селекцијата и правилното одложување на отпадот.
Активностите се во рамки на проектот „Зајакнување на соработката за локално влијание врз јавните политики за справување со отпад во општина Кочани“, имплементиран од Здружението за екологија и заштита на животната средина „Еко-Тим Исток“ – Кочани, во рамки на програмата за подгрантирање на проектот „Добро владеење во животната средина на Зелена Агенда за Западен Балкан”, имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи, Македонското здружение на млади правници и Фронт 21/42, а е финансиски поддржан од Европската Унија.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






