Со фотографии во рацете, солзи во очите, но и со непоколеблива решеност, семејствата и најблиските на загинатите во трагедијата во „Пулс“ денеска за прв пат маршираа низ улиците на Штип во рамки на 41. „Марш за ангелите“. Притоа, уште еднаш упатија јасен крик за правда, барајќи одговорност за 63-те изгубени животи и над 200 повредени граѓани.
Учесниците на маршот застанаа пред клучните државни институции во градот, вклучувајќи ги Управата за јавни приходи (УЈП) и Секторот за внатрешни работи (СВР) Штип.
Пред зградата на УЈП, родителите потсетија на неисполнетите ветувања. Говорот на жена чиј близок е меѓу настраданите ја пренесе длабоката болка и истрајноста на сите семејства кои повеќе од една година чекаат одговори.

-Денеска во Штип чекорат семејствата и најблиските на нашите деца и најмили. Оние што останаа со најтешката болка, но и со најголемата обврска да се борат за вистината и правдата. Во рацете ги носиме нивните фотографии затоа што сакаме сите да ги видат лицата, насмевките и животите за кои повеќе од една година бараме одговори. Ова не е само марш на тага и барање правда. Ова е марш на љубов, достоинство и непокорна истрајност. Чекориме затоа што не прифаќаме молк. Чекориме затоа што нашите деца заслужуваат вистинска правда. Ќе продолжиме да чекориме сè додека правдата не стигне, сè додека вистината не биде кажана и сè додека нашите ангели не го добијат мирот што го заслужуваат. Нивните фотографии ги носиме во раце, а нивната вистина ја носиме во срцето и нема да запреме никогаш, рече жената.

Таа додаде дека уште се чека на постапките за одговорните во Управата за јавни приходи.
-Поминаа месеци откако беа најавени кривични пријави против службени лица од УЈП, инспекторатите и други одговорни лица. Оттогаш молк. За нас секој ден без одговор е нова болка. Не зборуваме за предмет на хартија туку за 63 изгубени животи. Денес сме пред УЈП да прашаме јасно до каде е постапката и кога ќе започне судењето, кој ќе одговара и кога. Не бараме изговори, не бараме одложување, бараме одговори, бараме правда, додаде жената.

Протестниот марш продолжи пред МВР Штип, каде Александар Наунов, претседател на Здружението „16 март 2025 Кочани“, упати остри критики до институциите за нивниот молк и одолговлекување, како и директни прашања поврзани со пропустите во истрагата.
-Денеска стоиме пред МВР Штип за да го поставиме прашањето за кое сите долго време чекаме одговор: Кој, кого штитеше и зошто не се постапуваше навреме?. Според обвинителниот акт, планот за акциска контрола за ‘Пулс’ не бил потпишан и одобрен навремено, а не биле преземени мерки што можеле да ја спречат трагедијата. Требаше ли ова да заврши со 63 човечки жртви и 200 повредени за институциите конечно да се разбудат? Многу работи допрва ќе излезат на виделина, но за жал предоцна за нашите деца, нашите најмили. Денес јавно прашуваме дали нешто во оваа држава вреди повеќе од човечкиот живот, дали функцијата е поважна од животот, дали потписот што доцнел е поважен од нечие дете, дали ликот е поважен од совеста, праша Наунов.

Маршот заврши со порака дека институционалниот молк е еднаков на соучесништво и дека борбата за правда за „63-те ангели“ нема да запре додека не се утврди секоја одговорност за трагедијата во „Пулс“.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






