Во емотивна атмосфера и со силна порака за социјална одговорност, во Кочани се одржа вториот Меѓународен шаховски турнир посветен на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“.
Настанот, кој ги собра шахистите во хотелот „Национал“, започна со едноминутно молчење во чест на 63-те млади животи кои згаснаа во трагедијата.
Пред почетокот на турнирот, Зоран Стојчевски, член на Управниот одбор на Шаховската федерација на Македонија, истакна дека со одржувањето на ова натпреварување шаховската заедница сака да ја подигне свеста во општеството за трагичниот настан од 16-ти март.

-Сакаме со ова споменот на жртвите од трагедијата да не се заборави никогаш, истовремено да ја подигнеме свеста во општеството и да покажеме дека ова не треба повеќе никогаш и никаде да ни се случи, порача Стојчевски, посакувајќи им на учесниците спортско натпреварување.
Претседателот на градскиот шаховски клуб „Кочани“, Благој Ситновски, во име на Општина Кочани и Здружението на семејствата на загинатите „16 март 2025 Кочани“, нагласи дека овој меморијален турнир, со одлука на Шаховската федерација, е традиционален и се одржува секоја година.

-Кочани доживеа незапаметена трагедија од огромни размери во која животот го загубија 63 лица, а над 200 беа повредени. Настанот се случи во дискотеката „Пулс“ која се наоѓа веднаш зад хотелот во кој го одржуваме турнирот, и сакаме симболично да оддадеме почит на сите настрадани. Ова е голема трагедија не само за Кочани, туку за цела Македонија, истакна Ситновски во своето обраќање пред присутните.
На турнирот учествуваа 100 шахисти од Македонија, Бугарија, Србија, Црна Гора и Швајцарија. Конкуренцијата беше исклучително силна, со учество на еден велемајстор, пет интернационални мајстори и седум ФИДЕ мајстори. Дури дваесетмина од натпреварувачите беа со висок рејтинг помеѓу 2000 и 2418 поени.

Покрај меморијалниот карактер, турнирот имаше и хуманитарна цел, со намера да се обезбеди помош за третманот на повредените во трагедијата.
За регуларноста на натпреварите се грижеше судиски тим предводен од ФИДЕ интернационалниот арбитар Александра Гакидова од Скопје и Никола Давитков од Кочани.

Овој настан уште еднаш покажа дека спортот може да биде моќна алатка за обединување во болката, но и за истрајност во борбата за правда и сеќавање на изгубените „ангели“.

Најдобар на турнирот беше интернационалниот шаховски мајстор Тони Лазов од ШК „Алкалоид“ од Скопје со 7 ипол поени, пред ФИДЕ мајсторот Антон Златков од ШК „Гамбит Асеко СЕЕ“, кој имаше ист број поени. На третата позиција со по 7 поени се пласираа ФИДЕ мајсторите Андреј Шуковиќ од Црна Гора и Андреј Велјаноски од ШК „Гамбит Асеко СЕЕ“ и шахистот Филип Михов од ШК „Нов напредок“.


©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





