Со свечено отворање на изложбата на карикатури и доделување на наградите за најдобра карикатура на конкурсот на тема „Винска дипломатија“, во Домот на културата „Тошо Арсов“ во Виница официјално почна 18-тото издание на меѓународниот фестивал на хумор и сатира „In Vinica Veritas“.
Овој традиционален културен настан на едно место ги обединува авторите и љубителите на карикатурата, хуморот и сатиричната уметност од земјата и странство.

Фестивалот го отвори градоначалникот на Општина Виница, Митко Костадиновски, кој во своето обраќање истакна дека „In Vinica Veritas“ е повеќе од културен настан – тој е дел од идентитетот на Виница и препознатлив белег на културниот живот во општината.

Во рамките на отворањето беа доделени признанијата за најдобрите карикатури на овогодишниот конкурс, при што првата награда ја доби македонскиот карикатурист Методија Стојановски, второнаграден е бразилецот Силвано Мело, а третата награда му припадна на Константин Казанчев од Украина.

Наградата за македонски карикатурист ѝ припадна на младата авторка Софија Ситновска од Македонска Каменица.


На првата фестивалска вечер, публиката во Виница имаше можност да ужива во комедијата „Не се клади на Енглези“, во изведба на актерите од Театарот при Домот на културата „Иван Мазов – Климе“ од Кавадарци. Претставата донесе многу смеа и позитивна енергија кај присутните.
Фестивалот ќе трае до 10 октомври, а во наредните денови програмата продолжува со уште театарски претстави и сатирични содржини.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






