Со цел да се искористи потенцијалот на природните богатства и да се поттикне претприемништвото кај младите, во Кочани започна реализацијата на проектот „Вештини – клучот на зелената економија“.
Проектот има за цел да го трансформира традиционалното познавање на билките во одржлив бизнис модел.
Оваа иницијатива, која вклучува обуки за собирачи на билки и шумски плодови, како и дизајн на билни градини, е поддржана од Амбасадата на Република Словенија и Општина Кочани.

Јасмина Бошевска, претседателка на здружението „Дијалог“, кое е организатор на активностите, нагласи дека Македонија поседува извонреден биодиверзитет кој треба правилно да се вреднува.

-Среќна сум што Европа го препознава биодиверзитетот на Македонија. Истражувањата покажаа дека и децата ги знаат билките, но тоа кај нас се смета за нешто вообичаено, домашно. Поретко се случува билкарството да биде ‘business thinking’. Ако еден млад човек почнува да размислува дека билките во неговата градина може да станат бизнис, тогаш сме направиле одлична работа. Обично кај нас се смета дека ако треба да е бизнис тоа треба да изгледа бомбастично. Не, во сопствената градина, на масичка кога ќе ги ставите од тие билки и ние ќе ви дојдеме на презентација веќе е бизнис, слободно, нормално, спонтано. Билките си ја имаат душата и кога ќе ги погледнеш забораваш на стресни ситуации затоа што конектирањето со природата го изгубивме. Единствениот и најдобриот излез за било што, добро или зло, ни се билките, истакна Бошевска.

Настанот беше почестен со присуството на амбасадорот на Република Словенија, Грегор Прескер, кој ја истакна важноста на преносот на знаење од врвни експерти до граѓаните.

-Навистина ни е мило што гледаме дека ова што го правиме е многу важно и дека постои голем интерес кај јавноста да учи нешто ново за билките и за зелената економија. Целта е преку учење како да се направи сопствен мал бизнис, вашата земја заедно со вас да биде поуспешна и поубава, истакна амбасадорот Прескер.

По првичните активности во училиштето „Св. Кирил и Методиј“, работниот дел продолжи во мотелот на браната Гратче, каде што се одржа стручна презентација за техниките на собирање и чување на билките.

Како круна на досегашната обука, на лицата вклучени во проектот им беа свечено доделени сертификати за собирачи на билки, со што тие и официјално се стекнаа со вештини за професионален ангажман во овој сектор.

Проектот продолжува со теренски обуки и работилници, преку кои Кочани се позиционира како центар за развој на зелената економија во регионот.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






