Во просториите на Општина Куманово се одржа работен состанок меѓу претставници на локалните единици од Источниот и Североисточниот плански регион, во координација со Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
Фокусот на средбата беше воспоставувањето на регионалниот систем за управување со отпад и изградбата на централната депонија, проект кој е од витално значење за жителите на овие два региони.
На состанокот беа разгледани низа документи, вклучително и нацрт-правилници, договори за соработка и упатства за оперативно и финансиско управување. Целта на оваа координација е да се надминат пречките и да се започне со градежните активности во најкраток можен рок.

Сепак, реалната слика на теренот, открива низа сериозни проблеми кои го кочат процесот повеќе од една деценија. Иако за воспоставување на овој систем е обезбеден европски грант од 40 милиони евра, изградбата на Централната постројка кај селото Мечкуевци сè уште не е започната. Проектот, кој започна со првите работни средби уште во 2013 година, се соочува со застој кој ги алармира експертите и јавноста.
Најкритична е состојбата со заедничкото јавно претпријатие „ЕКО ИСТОК-СЕВЕРОИСТОК“ кое се соочува со блокирана сметка и неможност за покривање на тековните трошоци, кадровски дефицит, каде што на управните тела им се завршени мандатите, а општините не именуваат нови членови и лоши просторни услови во канцелариите во Свети Николе.

Истовремено, во Свети Николе постои силен отпор од локалното население. Преку петиции и анкети, околу 86% од испитаниците се изјасниле против изградбата на депонијата на предвидената локација, плашејќи се за еколошки чистото земјоделско производство и здравата животна средина. Како резултат на овој отпор, МЖСПП му ги одзеде ингеренциите на градоначалникот на Свети Николе во управувањето со заедничкото претпријатие.
И покрај набавените 41 камион и над 3.900 контејнери за општините, реализацијата на проектот оди „од назад кон напред“ – опремата е купена и веќе се амортизира, а клучниот објект за третман на отпадот сè уште е само на хартија.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






