Членовите на карате клубот „Кочани“ уште еднаш го потврдија својот квалитет со учеството на меѓународниот турнир „Куманово Опен 2026“, што го организираше карате клубот „Башкими“, во соработка со Карате федерацијата на Македонија.
На овој масовен спортски настан, клубот доби посебно признание и пехар за најмасовен клуб на турнирот, а неговите натпреварувачи се вратија дома со вкупно 19 медали, демонстрирајќи одлична подготвеност во сите категории.
Со најсјајните, златни медали се закитија четворица млади каратисти кои доминираа во своите тежински категории – Алексеј Ристов (генерација 2016, -35 кг), Јана Јанчева (генерација 2016, -40 кг), Дамјан Симеонов (генерација 2014, -37 кг) и Илина Костадинова (генерација 2013, -54 кг).
Клубот забележа исклучителен успех и со освојување на осум сребрени медали. Посебно се истакнаа Илина Костадинова и Јана Јанчева, кои успеаја да освојат медали во повеќе категории, како и Дамјан Симеонов и Ана Костадинова. Сребрени одликувања во своите категории освоија и Иван Сантов, Калин Сандев и Душанка Ристова.

Успехот беше надополнет со седум бронзени медали кои ги освоија Дарија Симеонова, Луција Велкова, Алексеј Ристов, Давид Давитковски, Ана Костадинова, Душанка Ристова и Лука Златков. Одлични борби на турнирот прикажаа и Давид Митев, Катерина Стојановска, Ивица Тодоров и Михаил Велков, на кои им недостигаше малку среќа за да се најдат на победничкиот пиедестал.
Со овој настап клубот ја заокружува тековната полусезона со неверојатна бројка од 147 освоени медали и многубројни пехари, што е јасен показател за континуираната и напорна работа со младите таленти.
Својот квалитет на турнирот во Куманово го покажа и карате клубот „Партизан“ од Кочани. Со вкупно петмина натпреварувачи, клубот успеа да освои четири медали.
Највисоко на пиедесталот се искачи Алексија Данева, која го освои златниот медал во категоријата кумите за натпреварувачи родени 2015 година (+44 кг). Со сребрено одликување се закити Алексиа Савева (кумите 2013 год, +55 кг), додека бронзени медали освоија Дамјан Арсов (кумите 2013 год, +55 кг) и Јован Арсов во категоријата јуниори (+76 кг). На турнирот настапи и Ангела Данилов, која го освои солидното петто место во категоријата кадетки до 54 килограми.
Овие резултати не се само успех за двата клуба, туку и значајна промоција за градот на меѓународната спортска сцена.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





