Општина Виница започна со организирано собирање и управување со отпадни гуми, со што станува прва општина во Источна Македонија и прва во државата по скопските општини Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров што воведува ваков систем.
Градоначалникот Митко Костадиновски потпиша договор за соработка со фирмата „Еко гума трејд“ од Свети Николе, а новиот собирен центар е лоциран во кругот на комуналното претпријатие „Солидарност“.


Во собирниот центар, сите граѓани ќе можат бесплатно да ги одложат отпадните автомобилски гуми, стар текстил, облека и постелнини, како и електричен и електронски отпад – стари домашни апарати, компјутери, телевизори и слично.
На седница на Советот на Општина Виница ќе биде предложена одлука со која ќе му се овозможи на ЈП „Солидарност“ да започне и со организирано собирање кабаст отпад. Со оваа одлука ќе се овозможи собирање стар мебел, душеци, кревети, санитарија, дрвенарија, како и стари прозорци и врати.


Покрај тоа, во завршна фаза се и подготовките за планот за целосно уредување и модернизација на депонијата за градежен шут, со цел нејзино усогласување со потребните еколошки стандарди.
Овие мерки имаат за цел значително да го намалат бројот на диви депонии, да го спречат загадувањето на почвата и природата и да обезбедат почиста и поздрава животна средина за сите граѓани.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





