Жителите на Општина Виница и околните населени места отсега ќе можат да пазаруваат во нов, современо опремен затворен градски пазар.
Овој капитален проект беше официјално предаден на користење во присуство на голем број граѓани, а симболичното сечење на лентата го направија премиерот Христијан Мицкоски, министерот за транспорт Александар Николовски и градоначалникот на Општина Виница, Мирко Костадиновски, со што е исполнето долгогодишното барање на жителите.
Градоначалникот Костадиновски истакна дека пазарот е изграден по највисоки стандарди и е целосно финансиран од општинскиот буџет.

-Конечно граѓаните на општина Виница, но и на околните градови и населени места добија нов модерен затворен градски пазар. Затворениот градски пазар е лоциран на вкупна површина од 1.810 метри квадратни. За изградба на градскиот пазар беа потрошени 24 милиони денари и сите беа обезбедени, а истовремено целосно исплатени на изведувачите од буџетот на Општина Виница“, истакна Костадиновски.
Тој додаде дека дополнителни 8,5 милиони денари се инвестирани во партерно уредување, каде поддршка даде и Министерството за транспорт и врски.

Министерот за транспорт, Александар Николовски, ја пофали ажурноста на локалната самоуправа и нагласи дека овој објект е симбол за успешно реализирани ветувања.
-Мислам дека ова е најдобар доказ дека општината предводена од градоначалникот Митко Костадинов ги реализира работите коишто ги ветува. Општина којашто не е најголема во државата, но по активност се брои со најголемите општини во државата, нагласи Николовски.

Николовски наброја и низа други инфраструктурни проекти во регионот, потврдувајќи ја силната координација со централната власт за подобрување на квалитетот на животот во Виница.
Премиерот Христијан Мицкоски го честиташе успешното завршување на проектот, потенцирајќи ја важноста на заедничката работа помеѓу администрацијата, Советот и Владата. Тој најави и нова голема инфраструктурна инвестиција за целиот регион.

-Ја користам оваа прилика да најавам уште еден значаен проект којшто конечно започнува со реализација а тоа е експресниот пат Кочани-Виница-Делчево. Следната недела ќе биде распишан јавен повик за изработка на физибилити студија за проектно решение, предпроектно решение, со што практично отпочнуваме со реализација на овој проект. Тоа е отприлика процес од неколку месеци, а потоа со средства од буџетот и во соработка со меѓународни финансиски институции ќе биде објавен тендер за реализација по принципот „жолт ФИДИК“ на овој проект којшто ќе биде многу значаен, којшто е ветуван со години, но еве дојде редот да се реализира, истакна премиерот Мицкоски.
Мицкоски изрази уверување дека економските политики и стратешката локација на земјата ќе продолжат да привлекуваат инвеститори и да го зајакнуваат стандардот на граѓаните.
©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






