Домот на културата „Тошо Арсов“ од Виница и Советот на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“, официјално го распишаа овогодинешниот Меѓународен конкурс за карикатура.
Оваа манифестација, која со децении ја негува сатирата и уметничкиот израз, годинава пред мајсторите на карикатурата од целиот свет ја поставува инспиративната тема „Винска дипломатија“.
Право на учество на конкурсот има секој автор кој може да конкурира со најмногу три карикатури. Делата треба да бидат доставени во оригинална или во електронска форма (формат А4 или А3, со резолуција од 300 dpi).
Заинтересираните автори своите трудови треба да ги испратат на електронската адреса на фестивалот или по пошта до Домот на културата во Виница, најдоцна до 1 септември 2026 година.

Најдобрите творби ќе ги избере стручна комисија, а за најуспешните се предвидени парични награди – прва награда 300 евра, втора награда 200 евра, трета награда 100 евра и специјална награда за македонски карикатурист (Награда на Општина Виница) во износ од 6.000 денари.
Пристигнатите карикатури ќе бидат претставени во првата половина на октомври годинава, кога во рамките на Фестивалот за хумор и сатира „Ин Виница веритас“ ќе биде отворена изложбата на селектираните дела и ќе бидат свечено доделени наградите.
Организаторот го задржува правото на изложување и репродукција на делата, додека наградените автори се обврзани да ги достават своите карикатури во оригинал како услов за исплата на наградите.
Сите дополнителни информации можат да се добијат на телефонскиот број или е-поштата на Домот на културата во Виница.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






