Под мотото „Зелен чекор 2026“, во општина Виница денеска се реализираше досега најголемата и најмасовна еколошка иницијатива за чистење и уредување на животната средина.
Акцијата, која првично беше планирана за крајот на март, но одложена поради неповолните временски услови, обедини над 800 волонтери во заедничката мисија за почиста општина.

Акцијата почна рано утрото со собирање на волонтерите на претходно утврдени збирни места низ градот и околните населени места. Организацијата опфати вкупно 32 зони, каде волонтерите добија соодветна логистика, вклучувајќи доручек, вода, вреќи и ракавици пред почетокот на чистењето.

Активностите во Виница се реализираа на повеќе клучни локации, меѓу кои и чистење на Градскиот парк, Калето и коритото на Виничка Река, потоа уредување на просторот околу основните училишта „Славчо Стојменски“ и „Гоце Делчев“, како и кај градскиот пазар и плоштадот. Се реализираа интервенции за чистење и уредување на патните правци кон Лески, Превалец и индустриската зона, како и на влезот и излезот од Виница.

Овој потфат се реализираше со силна поддршка од бизнис заедницата и Општина Виница. Меѓу бројните поддржувачи се вклучени компании како „Мак Прогрес“, „Елен Груп“, „Текспорт“, „Термостил“, „Винербергер“, „Рото М“, „Атекс“, „Дади Компани“ и многу други локални претпријатија, како и Ротари клубот Кочани-Виница.

Посебна и исклучително активна улога во оваа иницијатива имаше и Месната заедница Блатец, која под мотото „За чисто Блатец“ го мобилизираше месното население. Во акцијата се вклучија околу 80 учесници, а со планот беа опфатени седум под-реони за поефикасна координација.

Активностите во Блатец вклучуваа и пополнување на дупките со бекатон на потегот од асфалтот од Блатец до Скараница, расчистување на комунален отпад долж патните правци, полигонот и споменикот во центарот на населбата, како и темелно чистење на маалата Шапшал, Водарница, Габер и Сефер Маало. Посебно внимание беше посветено на пристапните патишта до локалните светилишта, вклучувајќи ги манастирите Св. Георгиј Победоносец и Св. Рождество на Пресвета Богородица, како и храмот Св. Пророк Илија.

По завршувањето на активностите за чистење, на завршен настан на плоштадот во Виница учествуваа сите волонтери, на дружење со музика, храна и пијалоци.

Организаторите на акцијата упатија благодарност за вложениот труд со пораката „Промената започнува од нас“ и „#ЧистоЕКул“.


©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






