Во рамки на регионалните напори за зајакнување на улогата на граѓаните во локалното управување, проектот „Преку женски активизам и граѓански иницијативи до родово инклузивни и одговорни општини“ внесува нова динамика во Источниот регион.
Оваа иницијатива, која веќе две години се спроведува во општините Виница, Штип и Делчево, има за цел да го интегрира родовото одговорно буџетирање како клучен инструмент за правично трошење на јавните пари.
Иако проектот има широк регионален опфат преку партнерството на здруженијата „Гласен текстилец“, „ЕХО“ од Штип и „Иницијатива на невработени интелектуалци“ (ИНИ), акцентот во Виница е ставен на надминување на специфичните локални предизвици.
Овој град се соочува со сериозен тренд на иселување, каде над 30% од населението заминало во странство, а оние кои останале често се чувствуваат исклучени од процесите на донесување одлуки.

Преку активностите на здружението ИНИ, во Виница се постигнати значајни резултати во насока на граѓанско вклучување. Потпишан е Меморандум за соработка помеѓу граѓанскиот сектор и општината, создадено е јадро на едуцирани женски активистки кои се оспособени за родова анализа и застапување за родово одговорни политики и изработени се конкретни предлог буџетски иницијативи кои директно ги таргетираат потребите на жените и девојките за следната фискална година.
Анализата на терен во Виница детектираше критични точки каде локалните власти мора да покажат поголема одговорност. Меѓу приоритетите се издвојуваат потребата од означување паркинг места за мајки со деца и лица со попреченост, ослободување на тротоарите за пешаци, како и итни кампањи и поддршка за жртвите на родово базирано насилство.
Дополнително, како висок приоритет се наметнува и социјалната заштита преку отворање на дневен центар за стари лица и воведување сервис за нивна поддршка во домовите.
Целиот овој процес, поддржан од Владата на Швајцарија преку Цивика мобилитас, не е само административен механизам, туку обид за мобилизација на женскиот глас во Штип, Делчево и Виница. Крајната цел е јасна: создавање заедници каде приоритетите на сите граѓани ќе бидат подеднакво вреднувани во општинските буџети.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.






