Кочани во 21 век наликува на музеј на отворено, но не од оној тип што привлекува туристи, туку од таков што сведочи за една одамна помината цивилизација која знаела да гради за вековите.
Кога ќе прошетате низ градот и неговата околина и ќе ја погледнете инфраструктурата, веднаш ви паѓа во очи болниот контраст: пругата е од времето на Кралството СХС, водостопанскиот систем од ФНРЈ, болницата од СФРЈ, а медицинската опрема во неа е веројатно последниот преживеан сведок на ерата на СССР. Во овој историски мозаик, единственото нешто што е „ново“ и „наше“ се политичарите од ерата на ФИРОМ и РСМ, кои наместо со бетон и железо, историјата ја пишуваат со празни ветувања.
Три ипол децении на „утре“
Поразително е сознанието дека во изминатите 36 години, во Кочани не само што не се изгради ништо капитално и значајно, туку не се одржува ниту она што ни го оставиле претходните генерации.
Три и пол децении се цел еден човечки век на активност. За тоа време, цели генерации кочанци остареа чекајќи ги промените кои постојано беа „зад аголот“. Младите пак, немајќи повеќе трпение за лажни надежи, интензивно го напуштаат градот во потрага по подостоинствен живот некаде „горе“.

Народот денес се чувствува како жеден патник во пустина кој очајнички бара вода, додека неговите политички „лидери“ веќе 36 години му повторуваат дека спасот ќе дојде – утре!
Но, тоа „утре“ стана метафора за стагнацијата. Додека светот се дигитализира и напредува, Кочани се бори со основните егзистенцијални проблеми. Градот стана заложник на политички калкулации кои го исцрпуваат неговиот витален потенцијал. Секојдневните разговори на граѓаните веќе не се за развој или иновации, туку за тоа како да се преживее денот. Парите или ги нема, или едноставно „левата рака ги става во десниот џеб“.

Јавните претпријатија – „дупки без дно“
Дел од суштината на проблемот лежи и во тоа што државните институции и јавните претпријатија се претворени во „дупки без дно“. Наместо да бидат сервис на граѓаните, тие станаа прибежиште за партиски војници кои земаат плата, а не одат на работа, или работното време го поминуваат во кафеани, коцкарници или дома.
Мнозинството граѓани живеат за да преживеат, додека оние кои одлучуваат за нивната судбина веќе одамна не се стресуваат од оваа сурова реалност. Кога јавните институции се раководени како ничија „државна сопственост“, не е чудно што граѓаните гледаат дека парите „ги (с)нема“.

Помеѓу ужасот и крајот
Денес, 120 години по смртта на големиот револуционер Даме Груев, кочанци се наоѓаат во ситуација која ја потврдува неговата славна мисла за изборот помеѓу „ужас без крај или ужасен крај“. Дали сме стигнале до точката каде апатијата е толку длабока што веќе ништо не може да нѐ разбуди?
Впечаток е дека Кочани нема да се помрдне од „мртвата точка“ сè додека политичкиот популизам е поважен од реалните потреби на граѓаните. Не можеме да очекуваме напредок со опрема од СССР и пруги од СХС, додека буџетите се трошат на фантомски вработувања и сомнителни тендери.
Потребна е итна и радикална промена на менталитетот на управување. Граѓаните повеќе не се жедни само за „вода во пустината“, туку за одговорност, отчетност и крај на тридецениското „утре“.
Во спротивно, единственото нешто што останува во овој град се спомените за некое подобро минато и празното ехо од ветувањата на оние кои го прокоцкаа времето на цели генерации.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





