Трагедијата што лани го потресе Кочани го стави градот во фокусот на меѓународната јавност, странските амбасади и потенцијалните донатори.
Но, суровата реалност на дипломатијата и хуманитарната помош е дека тоа внимание нема да трае вечно; поверојатно е дека ќе згасне со крајот на оваа година, додека ехото од пожарот ќе продолжи да одекнува.
Прашањето што сега е актуелно е дали Кочани има план како да го искористи овој краток период на зголемено внимание, или ќе дозволи да биде заборавено и од странство и од домашните институции?

Впечатокот е дека наместо секојдневно да инсистираме на поддршка од државата и да ги активираме сите можни извори за обнова, ние како да чекаме некој друг да ни ја заврши работата и притоа да нè моли за да ни даде помош.
Се испушта ли шансата за навистина големи проекти кои можат да го сменат ликот на градот и животот во него?
Додека се расчистува состојбата со постојниот базен, зошто да не се бара помош за изградба на нов базен, кој би бил покриен, по примерот на она што го добиваат други градови? Или за бањско-рекреативен центар со искористување на геотермалната вода? Зошто да не се побара целосна помош за конечно уредување на нов парк, наместо сè уште да се прават бескрајни калкулации за неговата локација – дали тоа да бидат Текешински Лозја, Гоцева Шума, Локубија или некоја друга дестинација? Ако продолжиме со ова темпо, шансата ќе се прокоцка, а паркот ќе остане само пуста желба.

На ист начин, треба да се запрашаме зошто да не се побара поддршка за комплетно нова спортска сала, нешто што би било трајно наследство за генерациите што доаѓаат.
Времето истекува, а досегашните реакции покажуваат дека сè уште се прават само калкулации и планови. Постои сериозна опасност целото внимание и ветените милионски суми од државата да се стопат во ситни поправки – крпење дупки, одзатнување шахти и фарбање пешачки премини и линии на улиците – додека нешто суштинско и капитално до сега не стигнало до граѓаните. Зошто да се задоволиме со мали интервенции кои нема да ја променат големата слика?
Загрижува очигледната некоординираност – не само меѓу Општината и другите државни институции, туку и внатре, во самите општински служби, каде како да недостига заедничко дејствување и ефикасност за побрза реализација на потребите и барањата на граѓаните. Нема оправдување во тврдењата дека е потребно време да се подготват физибилити студии, планови, документи, адиминистрација… треба да се подготвени – уште вчера. За да ги користиме реализираните проекти утре.

Најеклатантен пример е донацијата од Амбасадата на Полска за Гинеколошкото одделение во кочанската болница. Благодарение на граѓаните на Полска, Кочани добива современа опрема, но ова нè става пред апсурдна ситуација: имаме опрема, имаме и кадровски екипиран персонал, но болничките простории не се соодветно уредени. Како што сликовито велат граѓаните „се обидуваме да ставиме шминка на немиено лице“, бидејќи просториите мора прво темелно да се реновираат за опремата воопшто да може да се користи.
Градоначалникот Грозданов на последната седница на Советот на Општината најави иницијатива за донации од општествено одговорни компании за реконструкција на овој простор. Целта е јасна – поголема безбедност за пациентките и заштеда на пари за граѓаните кои за интервенции сега мора да патуваат во други градови. Но, ова е само една алка во синџирот.

Притоа, градоначалникот додаде дека во изминатите месеци имал голем број средби со амбасадори и други странски претставници на кои се разговарало за состојбата по трагедијата – ама, само со Полска имало конкретни резултати. Дали недостигаат посилна иницијатива, конкретни барања и подготвени проекти за да се добие помош и од другите?
Ако Кочани нема јасна концепција за тоа што му е најнеопходно, ризикува очекуваната поддршка никогаш да не биде реализирана. Слично на стиховите од познат македонски рок евергрин – „на вистинските зборови секогаш доцна се сетам“.

Доста е со калкулации. На градот не му требаат само нови пешачки премини, бескрајни прекопувања и затрупувања на улици за поправка на пукнати водоводни цевки, решенија за бездомните кучиња, за здодевните комарци, за скршените плочки во Трговскиот и Паркот, за паркинг просторот, за несобраното ѓубре со недели…
На Кочани му треба визија, но и петта брзина – пред меѓународните партнери и домашните институции да го свртат вниманието кон нечија друга трагедија, оставајќи нè сами со нашите засекогаш непреболени човечки загуби и – неостварени проекти.

©2011 - 2026 Текстовите и другите содржини се сопственост на Канал 8 ИПТВ.
Не е дозволено нивно целосно или делумно преземање, користење или реемитување.





